ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Православните христијански верници денеска го слават Христовото раѓање – Божик, најголемиот христијански празник.

Божик е најрадосен христијански празник. Бидејќи на овој ден, според христијанската вера се роди Божјиот Син, Исус Христос – Спасителот на светот, Божик е празникот на раѓањето на нов живот, празник на децата и на детството, родителството и создавањето.

За верниците и во ова модерно време Божик претставува најголемиот и најважниот христијански празник, од кој се очекуваат нови почетоци и нова надеж за подбри и посреќни денови. Овој празник е повод за семејни собирања, радување и позитивни чувства.

Од изутрина во сите православни храмови на МПЦ се служат утринските божикни литургии. Илјадници верници доаѓаат да запалат свеќа за Исусовото раѓање и да се помолат за здравје, мир и среќа меѓу луѓето, а најмногу за најблиските.

Црквите кои го користат Грегоријанскиот календар, вклучувајќи ги сите католички, протестантски и повеќето православни цркви, Божик го прославуваат на 25 декември. Црквите кои го користат Јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската Православна Црква, го прославуваат Божик денес, на 7 јануари. Божик денеска го слават и православните верници во Србија, Црна Гора, Русија, Египет, Сирија.

Исусовото раѓање е најзначајното случување во историјата на човековиот род, кое историјата ја дели на два периода: пред и по неговото раѓање.

Постот од 40 дена пред Божик е подготовка за верниците подобро да ја примат тајната кога синот Бог од Света Богородица и Светиот Дух се очовекува, станува човек за наше спасение. Постењето е духовна подготовка за да бидат во хармонија душата и телото, а освен со постот тоа се постигнува и со молитви.

Прославувањето на големиот христијански празник почнува од Бадник со посната вечера и се слави три дена. Бадник е денот кога според традицијата целото семејство се собира во домот, а веќе утрото на 7 јануари ѕвонат ѕвоната на православните храмови објавувајќи го Христовото раѓање, а луѓето одат во црква на Света божествена литургија. Тие што постеле земаат света причест, по која најпрво каснуваат од подготвената нафора. Луѓето се поздравуваат со зборовите “Христос се роди!” и отпоздравуваат “Навистина се роди!”.

Божиќ е домашен празник, затоа со Божик е поврзана и поговорката: “Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си”. Во црква се оди само на служба, а потоа се враќате дома, за заедно со семејството да го славите овој радосен ден, денот на Христовото раѓање –  ден на радоста, мирот и добрата волја меѓу луѓето.

Вториот ден на Божик е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан Првомаченик. Во некои краеви на овие празници луѓето коишто го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан. Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.

Честит Божик! Ви посакуваме христијанска љубов, лична и семејна среќа, насмевки и топлина, и секако верба во можноста за ново раѓање на добрината, меѓусебната почит и чесноста.