Џума (Султан Бајазид) џамија – Црква Света Петка во Кичево

Преданието за постоење на црква Света Петка на местото или во близина на денешната Џума Џамија (Султан Бајазид) е едно од најраспространетите и највкоренети помеѓу кичевчани. Така и за Православните и за Муслиманите ова место е свето. Каде била, кога била изградена црквата и кога урната, кога е изградена џамијата се прашањата што многумина си ги поставуваат. Првично преовладуваше мислењето дека црквата Света Петка постоела и била урната до 1402 година, годината до која на тронот на Османлиската империја седел султанот Бајазид I Илдирим (Бајазид Молњата), некои 17 години по освојувањето на Кичево од Османлиите во 1385 година. Но можно е џамијата да е изградена подоцна, околу 1481 до 1512 кога султанувал друг султан со исто име, Бајазид II. Се дава можност црквата да била урната и подоцна, максимум до 1512 година, цели 110 години подоцна одошто се мислеше. Тврдењата дека денешниот објект на џамијата во прво време бил црква се веројатно неточни, прво бидејќи ја нема положбата на црква и второ бидејќи во сондирањето на земјата под неа не е пронајден постар објект. Тоа се гледа од текстот подолу. Но можно е материјалот кој е употребен за градба на џамијата, да бил првично вграден во некогашна црква. Интересно е што името Џума е исто што и петок, па во некој начин се поврзува со Св. Петка.

За да нема разногласие, во продолжение следи текстот (со ситни измени на печатни и граматички грешки) на археологот Гордана Спасовска Димитриоска, професионалец кој активно го испитуваше теренот во Кичево и во неколку наврати го истражувала и самиот џамиски објект.  Објавен е во 1993 година во Македонската Археолошка Акта (-Сакралните објекти Св. Ѓорѓи во Кнежино и Џума Џамија во Кичево, Macedoniae Acta Archaeologica 13 (1992), Скопје 1993, 253-263).

* * *

Исламот на овие простори се јавува од крајот на XIV – XV век. Од исламската сакрална архитектура има повеќе објекти во градот и околните села. Најстара е џамијата во село Бичинци, подигната во 1420 година. Денеска селото Бичинци е вклопено во градот Кичево. Во Кичево има неколку исламски сакрални објекти од кои најголема е Џума или Султан Бајазит Џамија. Таа се наоѓа во центарот на градот во Џума Маало, па оттаму и Џума џамија. Времето на нејзиното градење не е точно потврдено. Претрпела неколку измени при реновирањата изведени во 1922, 1934 и 1986 година. Традицијата кај христијанското население, оваа џамија ја сврзува со некогашна црква Света Петка, со тоа што црквата е урната, а на нејзино место е изградена џамија. Овој податок за постоење на црквата Света Петка го среќаваме кај Т. Смиљаниќ и В. Петковиќ, секако земени од локалното население. Имајќи го се ова во предвид, археолози на два пати ги следеле земјените работи при градежните зафати на самата џамија во 1986 година и градбата на шадрванот во 1989 година во соработка со Џамискиот одбор на чело со Бедо Канзоски.

Во 1986 година при рекострукција на џамискиот под биле поставени три сонди (2 на 1 метар) при што било констатирано следно: современ под од штици, поставени врз слој од шут. Под шутот стариот под, направен од хексагонални керамички плочки поставени во слој од малтер. На плочките се гледале траги од горење. Џамијата страдала од пожар во 1932-33 година. Под него се наоѓал слој од горена земја и слој од градежна керамика. Под него има слој кој не содржи други траги на градба (здравица, чакал и песок).

Во 1989 година при изградба на шадрванот, во дворот на џамијата бил обележан простор од 5 на 5 метри во кој се изведувале земјените работи. Работите биле следени од затеченото денешно ниво на дворот до појавување на здравица на длабочина од околу 2 метри. При тоа се констатирани два културни хоризонти. Првиот хоризонт е дел од исламска некропола (гробишта) која се протега околу џамијата. На неа се вршело погребување до четириесеттите години на 20 век. Времето кога е започнато со погребување на покојници може да се одреди само откако ќе се прочитаат написите од постојните надгробни нишани. Еден од нив, кој е прочитан, посочува на погребување во првата половина на 18 век (според кажување на Бехиџудин Шехапи, Историја на Уметност, ИВЗ-Скопје). Откриените гробови, 1,2 и 3 целосно се испитани. Покојниците се погребувани во цисти, вез покрив, со земјен под. Страните на цистата се направени од монолитни плочи, изделкани од бигор (широки 20 см, должина до 2 м, висина 1 метар). Плочите се поставени на малтер (гасена вар и песок) помешан со фрагменти од градежна керамика.

Исламска некропола, Џума џамија, Кичево

Гробот 3 веројатно е семејна гробница. Остатоците се слабо сочувани. Погребувањето е вршено во редови. Гробовите се обележани и надземно со прегради. Ваков начин на погребување се јавува уште во два случаја на гробиштата во Есхи џамија во Тетово. Според тоа, оваа некропола е единствен комплекс од т.н. Селџучки начин на погребување. Во гробот 1 во вториот откоп била откриена држалка од мал скифос, обоена со разреден црн фирнис која потекнува од хеленистичкиот период III и II  век пред нашата ера. Камените плочи со својата големина како и наодот, држалка од скифос во еден момент биле основа за послободно размислување дека се работи за елементи од некоја разрушена хеленистичка односно, античка гробница. По извршените проверки, останува само како факт дека е пронајден фрагмент од хеленистичка керамика на територијата на градот.

Вториот хоризонт е слој на светло сива земја помешана со фрагменти од садовна и градежна керамика, а во последните два откопа не е најдено ништо (здравица, песок и чакал). Висината на слојот е околу 1 метар.

Џума џамија, источен профил и основа (гроб 1,2 и 3)

Од садовата крамика застапени се широки лентести држалки изработени од добро пречистена глна со окераст премаз, со орнамент од верикални врежувања, додека на некои од нив, помеѓу вертикалните врежувања изведена е брановидна линија со четка. Слични на нив се среќаваат во црквата Св. Атанас во Варош, Прилеп, датирани од 12 до 14 век. На неколку фрагменти од мев на стомни се јавуваат геометриски орнаменти изведени во техника на сликање со енгоба. Техниката на сликање со четка е карактеристично за 14 и 15 век. Таква керамика е најдена на локалитетите: Св. Атанас во Варош, Прилеп, Поречка река на Дунав и на други места. Пронајдени се и фрагменти на садова керамика со остатоци од темно зелена глеѓ. Дел од пронајдените керамички фрагменти може да е од некој локален мајстор. Претпоставката за тоа се базира на постоење на богати и квалитетни глинени наслаги во близина на село Вранештица, каде што е развиен грнчарскиот занает. Керамичките производи на вранештичките мајстори се од врвен квалитет.

Џума џамија, фрагменти од средновековни керамички дршки

Трпезна керамика. – Фрагмент од чинија со висока прстенеста нога, црвено печен и добра фактура. Луксузна изработка. Од надворешната страна е попрскан со прав од златест лискун. Внатрешноста на чинијата е со сликана декорација. Во зачуваниот дел од медалјонот, орнаментиката е составена од две спротивно поставени сферни линии и една права линија меѓу нив, како дел од композиција, изведени со темно зелена глеѓ на окераста основа, под која се гледа премачкување на бела енгоба. Тоа е основа за целата внатрешност на чинијата. Над медалјонот се наоѓаат две зони во кои се изведени полупалмети со светло зелена и темно зелена глеѓ, наизменично поставени со темињата. Од надворешната страна има вела енгоба и темно жолта глеѓ по работ, како и остаток од орнаментика, можда дел од буквата Х. За овој наод нема засега никакви директни поврзувања, па се датира пошироко во средновековието и турскиот период. Пронајдени се и фрагменти од црепна (ќерамида), со лоша и осрдена фактура.

Џума џамија, трпезна глеѓосана керамика

Од повеќето фрагменти на градежната керамика се издвојуваат два фрагменти од покривна ќерамида, кои од надворешната страна се глеѓосани со темножолта и кафеава глеѓ. Глеѓосана покривна кќерамида се јавува на средновековните сакрални објекти: манастирскиот комплекс Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, манастирските комплекси Св. Прохор Пчински, Градец и Копоран, оркриени при реконструкцијата на покривите. Датирани се во втората половина на XIII век па се до почетокот на XV век. Постои мислење дека се употребувани и во покривните конструкции на средновековните цивилни објекти. Податок за употреба на овој вид ќерамиди во исламската сакрална архитектура во Македонија нема. Откриениот движен археолошки материјал покажува дека се работи за развиен и доцен среден век со индиции за постоење на профан или судејќи по глеѓосаните ќерамиди можеби и за сакрален објект – црква.

Ова испитување во дадена мера го потврди преданието дека на овој простор постоел живот во средниот век но точната локација за црквата Света Петка ќе остане и понатаму. Истата обврзува следење на градежните зафати во иднина околу Џума (Султан Бајазид) џамија, нејзиното дворно место и поширокиот простор околу неа.