Тврдина Кичевско (Китино) Кале

Претпоставен изглед на тврдината некогаш. Претпоставка: Љупчо Зорески, проекција благодарение на Златко Цветкоски

Кичевското кале, попознато како Китино кале,  е возвишение во кичевската котлина кој е видилив од поголемиот дел од котлината. Истовремено тоа е центар на градот Кичево. Моментално е парк (во прилично незавидна состојба), со спомен костурница. Но, од најстари времиња, па се до средината на XIX век ова место било населено во континуитет, со помали прекини. Китино кале е причината поради која што постои и Кичево. Името „Китино“ го носи веројатно последниве 700 години, поточно од крајот на 14 век. Легендата говори за Кита, кнегиња и сестра на Крале Марко.  Според неа, Кита тука имала свое Кале, тврдина (дворец) откаде владеела во името на нејзинот  брат со овој регион. Иако Кита досега не е потврдена со пишан или материјален историски извор, сепак преданието за неа е толку силно кај самите кичевчани што скоро и да се чувствува нејзиниот дух во секоја улица и сокак на градот Кичево.

Во науката и литературата Китино кале е премалку обработувано. Посерозно го третира професорот Иван Микулчиќ.

Кичево
Кастрон Китсава — град Кичава, регионално средиште.

Местоположба. Месноста „Кале” се наоѓа на источниот крај од централниот дел на Кичево. Претставува питомо ритче со кружна основа зарамнето озгора, високо до 20 м над источното подножје и реката (633 м н.м.). На западниот крај се поврзува преку ниско и широко седло со рамницата, во која се соединуваат рекичките Осојска, Зајаска и Темница формирајќи ја Велика. Тука израснало јадрото на средновековниот и денешен град Кичево.
Најстари остатоци. Непосредно крај западното подножје на Калето поминувал прастариот пат од Скопје и Полозите кон Охрид на југ и Прилеп на исток (античкиот пат Скупи — Лихнид). Веројатно во римско време на Кале бил изграден крајпатен кастел за контрола на патот. Оваа тврдина постоела на крајот од антиката; најдени се монети — една остава закопана по средината на 3. век, потоа единечни парчиња од 4. и 6. век (во Археолошки музеј Скопје).
Средновековни остатоци. Градот Кичава бил изграден врз постарите остатоци, на површината од околу 150 х 100 м. Во турско време покрај тврдината постоела и голема цивилна населба, која прераснала во денешниот град. На просторот на старата крепост денес е уреден градскиот парк. Археолошки ископувања тука не се вршени. Во 1929 г. најдени се 302 сребрени монети од 14. век (српски и венецијански; во Народниот музеј, Белград).
Повеќе документи го спомнуваат Кичево. Во повелбата на Василиј II од 1020 г. стои „тен Китсавин”; — во 11. век — „кастрон Киттава”; — во 13. век — „тен Китсавин”, „тес Китсавеос”; „въ Кичаве”; во 1265 г. се споменува „от Кичаво”; — во 1300 г. — „от Кичаве”; во 1468 г. — „Кирчова” (турски). Кичава функционирала низ вековите како византиски кастрон (од 10. до 13. век), кој ги контролирал патиштата на периферијата на Царството, во насоката на честите српски упади од север. Во 1257 г. Србите за кусо време ја освоиле Кичава, а меѓу 1282 и 1297 г. Милутин за постојано ја одзел од Византија. Во ранотурско време во тврдината Кичава била сместена стража; во 1468 г. населбата броела 217 куќи, а тврдината 14 стражари; во 1519 г. имала 20 војници.
Името Кичево е словенско и упатува веројатно на 9.—10. век.

И ова е најсериозниот научен текст за Китино Кале.

ТВРДИНА КИТИНО КАЛЕ, ОПИС

 

Калето е видливо од цел град. Се наоѓа во источниот дел од котлината во подножјето на планината Илиница. Од неа го дели Зајашка река. Издигнато е на 20-тина метри над останатиот град и со надморска висина од околу 650 метри.

Тврдината која постоела во антиката веројатно ја задржала конфигурацијата и подоцна, со мали измени. На површина се распознаваат барем 5 или 6 кули (+2 на влезната порта). Должината на обѕидието е околу 440 метри, простор од околу 1,5 хектари. Веројатно низ времето била доградувана. Изградена е од кршен камен носен од подножјето на Илиница и малтер. Стариот каменолом се гледа и денес. Особено забележлива е западната кула која се одвојува, како по својата зачуваност, така и по својата масивност. Останатите, за жал, се во очајна состојба. На места се забележуваат делови од бедемите, особено од север. Тврдината постоела пред 150-170 години кога била изгорена и запустена по ликвидацијата на власта на озлогласениот Хамза Паша со османлиските власти. Во тоа време тој живеел тука, а се спомнува дека го служеле дури 400 луѓе. По разорувањето на тврдината луѓето почнале нејзиниот камен да го користат како градежен материјал. Така тврдината уште повеќе се уништила. Пред половина век, при уредувањето на просторот користена е механизација и еден дел од овој археолошки локалитет неповратно е збришан и уништен. Денес таа одвај се гледа, па не е чудно што некои и незнаат дека постоела.

Тврдината било клучното место за контрола над кичевската котлина. Околу неа многу пати се кршеле копја за нејзина контрола. Ја чувале неколку околни контролни тврдини кои навреме алармирале за напад. И оваа и тие тврдини биле дел од одбрамбениот систем од над 500 тврдини кои во средновековието опстојувале на тлото на денешната територија на Македонија. За илустрација колку бил добар системот на одбрана, ако било нападнато Скопје, во Битола знаеле за помалку од еден час, што за денешни сфаќања за тогашната технологија е сензационално, но всушност многу ефикасно и едноставно функционирал овој систем.

Случајно на тлото на Китино кале се пронајдени фино делкани мермерни столбови кои укажуваат на постоење на црква. На врвот на тврдината постоел дворец во кој живеел управникот на тврдината и областа. Можно е овој дел да бил преграден, со што самата тврдина се делела на два дела. Подолу, во делот на денешниот парк биле воени згради и збег за околното население во случај на опсада. Кај денешниот водовод постоела стара цистерна за вода, дождовница. Преданијата говорат и за подземен тунел кој бил користен за бегање во случај на пробивање на ѕидините. Тунелот излегувал кај месноста Чука. Неговото постоење е многу веројатно. Под калето има пештера која не е истражена.

Тврдината имала воена посада по доаѓањето на Османлиите на овие простори во 1385 година. Нејзината улога особено пораснала за време на востанието на Скендербег кога големи воени единици биле сместени на овој простор за дејствување против востаниците. По освојувањето на тврдината во Светиград (денешен Коџаџик), значењето на кичевската тврдина се намалило и станала помалку значајна.

Фотографија од првата половина на XX век на која се распознаваат урнатини од некогашната тврдина

ВЛЕЗНАТА ПОРТА

Портата на некогашната тврдина е всушност и денешниот дел каде се скалите кои водат кон платото каде е сместено паркчето. Од десната страна, при влезот сеуште стојат дебели ѕидови со една дупка на која била прицврстена капијата (или резето од капијата). Подолу, урнати, се наоѓаат уште два дела од кулата на капијата.

Стара фотографија на која се распознаваат ѕидиштата од старата порта

На првите две фотографии се гледа делот покрај скалите со дупката на која била прицврстена капијата (или резето), на третата паднатиот дел веднаш под скалите, а на четвртата дел од портата кој паднал подолу, под патот, веднаш над домот на културата.

КУЛИ

Тврдината ја бранеле 5 или 6 кули (барем толку можат да се претпостават според остатоците од теренот), од кои една, била помасивна од другите. Веројатно биле четвртасти, а масивната или кружна или повеќеаголна. Претпоставката дека се четвртасти произлегува од обликот на кулите кои се граделе во доцната антика, период откако тврдината била сериозно обновена. Се наоѓаат на нерамномерно растојание. Самото обѕидие го следи теренот.

Кулата 1 се наоѓа на околу 50 метри од портата накај Илиница. Остатоците се во лоша состојба. Со ерозијата излегуваат на површина остатоци од камења. Го контролирала патот накај Прилеп и цивилната населба под неа.

Кулата 2 е на околу 20 метри од кула 1, во лоша состојба. Малку погоре од неа, спрема соседната кула 3, багер збришал еден дел од обѕидието и ја оштетил и самата кула. Порано ја надгледувала цивилната населба кај Бичинци и мостот кој тука постоел.

Кулата 3 е нешто позачувана, иако во лоша состојба. Гледала накај север. Остатоците на терен откриваат интересни детали, но непознато е како изгледала. Гледала накај тврдината Маркулија (осломејшко) откаде доаѓал патот од Скопје и полозите. Под неа врвел патот накај Прилеп. Денес под неа се гледаат и грамади камења кои се рушат од неа и од бедемот.

Кула 4, лево од саат кулата се распознаваат добро сочувани бедеми кои постоеле до пред 80 години

Кулата 4 се наоѓала под објектот на некогашниот ресторан. Била на северозападниот дел од тврдината. Претпоставувам дека под земја е добро зачувана. Таа заедно со кулата 5 и капијата ја имале најтешката задача за одбрана на тврдината поради благиот терен кој се спушта под нив. Тврдината тука била најранлива. Подолу од неа во 1741 година била изградена Саат Кула.

Кулата 5 веројатно е најголемата и најзначајна кула. Била поголема од останатите, по се изгледа повеќе пати зајакнувана и доградувана. Нејзината форма е или кружна или повеќеаголна со цел да ги амортизира ударите од катапулт, подоцна од топовски ѓулиња. Ја бранела тврдината од нејзината најранлива страна. Од најстаро време ја контролирала кичевската котлина и особено патот кој врвел под неа. Била грандиозен објект и можно е да служела за живеење на кулскиот кефалија (заповедник), воена титула, значајна во тоа време. Денес е најдобро зачувана од сите останати кули. Оштетена е во основата, од диви копачи, или можеби крие нешто како затвор или соба.

СТАРИ ГРОБИШТА

Под тврдината на југозападната страна постоеле стари гробишта. Се користеле уште од паганско време. Во нив биле погребувани жителите на тврдината и подградието. Староседелците од Подварош кажуваат дека случајно налетувале на гробови на два ката (господарот и неговиот роб, според нив), со плочи со неразбирливо писмо.

ИСТРАЖУВАЊЕ И РЕСТАВРАЦИЈА НА ТВРДИНАТА КИТИНО КАЛЕ

Тврдината никогаш не е истражувана. Правени се само сонди кои уште повеќе збунувале отколку што расветлувале. Просторот треба да се истражи и да се заштити, а потоа да се реставрира тврдината која би била културно средиште на Кичево (Иницијатива за реставрација на тврдината Китино Кале во Кичево (Иницијатива за реставрација на тврдината Китино Кале во Кичево). На ова се чекаат подобри времиња.