Коритото на река Сушица „плаче“ за санација

Изградено во далечната 1973 година, под забот на времето и нередовното одржување, коритото на река Сушица во Кичево „плаче“ за санација. Камењата во коритото почнаа да се поместуваат, дел и да отпаѓаат од местото каде што биле и поставени, а под силината на надојдените води и долгиот период без санација, речното корито под каскадите во целост е уништено и оголено и на местата каде што некогаш беше корито, сега е само наталожено ѓубре што од повисоките делови на градот го донела реката.

На минатогодишните локални избори актуелниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, пред многубројните присутни граѓани вети целосна реконструкција на речното корито, патека за велосипеди, нови светилки и се што е неопходно кејот на Сушица да се претвори во најубавиот дел од градот. Инаку оваа мала река Кичево го дели на два дела, а со реконструкцијата на коритото и кејот, градот целосно би добил нов изглед. Граѓаните се разочарани што полни 45 години на кејот на Сушица речиси ништо не е обновено и истиот од година во година е во се полоша состојба.

Читај повеќе