Ракометната школа во Кичево склучи договор со РК Металург

Македонскиот ракометен шампион Металург потпиша договори за соработка со 31 ракометна школа од територијата на цела Македонија, меѓу кои и со ракометната школа од Кичево. Со тоа Металург  ја прошири својата Академија. Покрај Кичево опфатени се градовите Куманово, Македонска Каменица, Делчево, Виница, Кавадарци, Прилеп,  Струга, Охрид и Скопје.

Во рамките на Академијата Металург каде функционираат овие ракометни школи членуваат вкупно 1.564 деца (машки и женски). Во рамките на Академијата Металург ќе бидат организирани и три тренерски семинари, првиот ќе биде викендов каде предавачи ќе бидат Лино Червар и Гино Стерзовски, а завршниот ќе се одржи во текот на летниот период за време на летниот камп во Охрид, кој ќе биде организиран од страна на РК Металург.
– Образованието и воспитувањето на децата се главното мото на овие тренерски школи. Воедно целта е да произведеме ракометари и ракометарки, репрезентативци со што ќе ја создадеме иднината на нашиот клуб и на ракометот во Македонија, изјави тренерот на РК Металург, Лино Червар.

Во клубот информираа дека во својата 43 годишна историја, работата со младите категории бил важен момент и така ќе продолжи. Првите школи клубот ги имал во основните училишта „Стив Наумов“ и во „Панајот Гиновски“.