Премиера на „Трето Полувреме“ во Скопје

Филмот „Трето полувреме“ вечерва ќе ја доживее скопската премиера во киното „Милениум“. Официјалната премиера филмот ја имаше на 15.септември на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Пред официјалната премиера во главниот град, најновиот игран филм на Митревски деновиве имаше и неколку претпремиерни проекции.

Филмот тематизира вистинска приказна за фудбалскиот клуб „Македонија“ (претходникот на „Вардар“), а воедно и љубовната приказна на Еврејката Ребека која го избегнала холокаустот и депортацијата на 7.200 македонски Евреи во логорот Треблинка. Филмскиот лик се темели на автентична личност – скопската Еврејка Нета Коен, чие сведоштво е архивирано во фондацијата ШОА на Спилберг во Лос Анџелес и е меѓу интервјуата на над 50.000 преживеани Евреи во светот.

Ликот на Ребека го игра Катарина Ивановска, а главниот машки лик (Коста) – Сашко Коцев. Во екипата се околу 60 актери и 1.500 статисти за масовните сцени. Директор на фотографија е Клаус Фуксјагер, музиката е на Кирил Џајковски, костимограф е Жаклина Крстевска и сценограф Иван Бартлинг.

„Трето полувреме“ е и македонски кандидат за Оскар во категоријата филмови од неанглиско говорно подрачје. По скопската премиера филмот ќе остане на редовниот репертоар на „Милениум“.