Каде исчезна украинското злато?

ukraina zlato

Централната банка во Киев не знае каде исчезнале златните шипки по симнувањето на режимот на Виктор Јанукович.

Во трезорот на Централната банка на Украина речиси и да нема злато, откри минатиот петок во интервју за ТВ станицата Харкив, украинската гувернерка Валерија Гонтарева, додавајќи притоа дека не е јасно каде отишло златото. – Во секој случај, останало малку злато кое претставува околу 1 отсто од државните резерви.

Што се случило со украинското злато по симнувањето на режимот на Виктор Јанукович на 22 февруари оваа година? Според податоците на ММФ и Светскиот совет за злато, Украина во февруари оваа година располагала со 42,3 тони злато, што претставувало осум отсто од вкупните државни резерви. Додуша, поранешниот гувернер на Централната банка на Украина Сергеј Арбузов тврдел дека во тоа време земјата имала 21 тон резерви на злато.

Според ММФ, Украина во октомври располагала со 26,1 тон злато. Ако се верува на информациите на ММФ, се поставува прашањето што се случило од февруари до октомври оваа година со 16,2 тони украински златни шипки и колку всушност Украина сега има злато. Достапните информации за судбината на златото на Киев оваа година се контрадикторни.

Во почетокот на март украинскиот портал Искра извести за мистериозен ноќен маневар на аеродромот Бориспољ.

– Ноќта околу два часот по полноќ, нерегистриран транспортен авион одлета од аеродромот Бориспољ. Според директорите на аеродромот, пред полетувањето на авионот, четири камиони и два карго минибуси без таблици стигнале на аеродромот. Од нив излегле 15 луѓе во маскирни црни униформи и панцитие, некои од нив вооружени со пушки. Тие луѓе натовариле во авионот околу 40 тешки сандаци…

Ако веста на Искра била точна, таа не подигна прашина. Само во некои делови од глобалниот медиумски простор од зимата се шират шпекулации за тоа што можело да има во тие сандаци и каде тој товар отпатувал.

– Една од тезите е дека Украина се одлучила да ги префрли златните резерви во САД, набрзо по државниот удар, а по средбата на премиерот Арсениј Јацењук со американскиот лидер Барак Обама – извести овие денови Раша тудеј.

Втората теза за судбината на 20 тони злато е дека Киев оваа есен, во време на рекордно ниска цена на златото (најниска од октомври 2008 година) – дискретно продал дел од златото.

– На земјата и требаше готовина – лаконски објаснува за агенцијата Блумберг Брајан Лејси, професор на Тринити колеџот во Даблин.

Во април ММФ најави дека на Украина во следните две години ќе и стави на располагање кредитна линија од 17 милијарди долари. Во мај претходниот гувернер на Централната банка на Украина Степан Кубив најави дека Киев од првата транша на кредитот од ММФ ќе купи злато, да ги зајакне резервите.

Украина денес е на ивица на финансиска катастрофа. Во земјата златните резерви се намалени, буџетот е во дефицит, со големи воени и социјални трошоци, националната валута гривна девалвира летово 100 отсто. Гувернерката Гонтарева потсети овие денови дека падот на гривната е забрзан по ескалацијата на вооружените судири во Доњецкиот басен.

Судирите во Донбас и воопшто на истокот на Украина можеби и не се поврзани само со прашањето за самоопределувањето на тамошното население.

– Украинскиот геолошки комитет оцени дека во земјата постојат најмалку 200 наоѓалишта на злато, некои меѓу нив имаат и над 100 тони злато. Во области кај Карпатите, Украина располага со околу 400 тони златни резерви, додека во Доњецк со околу 500 тони злато. Се смета дека некои резерви на злато постојат на Крим и Дњепропетровската област – наведоа руски извори.

Лани Украина беше на листа на 50 држави со најголеми златни резерви на светот. Оваа есен Централната банка во Киев и не знае каде е делот од државните резерви. Што се однесува до рудниците за злато во Доњецк, денес нив малку кој ги спомнува.