Првата фудбалска топка и првиот фудбалски клуб во Кичевско

Ако некој било кога се запрашал кога првпат кичевчани заиграле фудбал, овој напис ќе му го даде одговорот. И малку повеќе од тоа, бидејќи тука фудбалот се игра малку подолго од другите места во Македонија, уште од 1909 година! Легендарниот напис за овој клуб потекнува од весник од 1958 година, кога сеуште имало живи играчи од тоа време.

Првата фудбалска топка била донесена во село Велмевци, далечната 1909 година од Стојан Велмешанов кој работел како пекарски работник во Виена, Австрија (тогаш Австро-Унгарија). Велмешанов во Виена се запознал со фудбалот. Толку ја засакал играта што се формирал и фудбалски тим со 13 членови, а Велмешанов ги снабдил со дресови.

Подоцна се вратил во родното Велмевци и за прв пат го формирал клубот ФК „Славија“. Клубот покрај тоа што е прв во Кичево, тој е можеби и првиот (или меѓу најпрвите) во цела Македонија.  Бил несекојдневен настан за тие времиња да се игра фудбал. Во многу градови не ни знаеле што е тоа. Според Ацко Трпески, играч од првиот состав на клубот од 1909 година, фудбалот почнал подоцна да се игра во останатите градови. Дава податок во кој е сигурен дека фудбал во Битола почнал да се игра во 1911 година.

Стојан Велмешанов почнал да држи и тренинзи и да организира натпревари.

Најголемиот успех легендарната ФК „Славија“ го имала во далечната 1952 година кога го зазела првото место во околиската лига со 19 победи, 2 нерешени и 1 изгубен натпревар и гол разлика 87:13!

Еден друг играч Стојан Равајлески раскажува за најдрагите моменти. Како еден од нив ја издвојува победата против ФК „Јадран“ (легендарна екипа од Кичево, од која подоцна ќе се роди ФК „Напредок“), кого го победиле со 2:1. Победата била толку значајна што во родното Велмевци биле пречекани со вистинска парада од букети и песни! Втор момент му е победата со екипата од блиското село Црско која ја извојувале мошне тешко бидејќи и двете екипи биле добро разиграни. Крајниот резултат 3:2 за ФК „Славија“. Равајлески добил посебно признание бидејќи добро го чувал голот. По натпреварот возбудата им била толку голема што заплакале од радост.

Како само со срце се играло порано. Приказните на овие луѓе кои одамна не се помеѓу нас изнудуваат вистинска возбуда кога ги читате. Оттогаш поминале повеќе од 100 години. ФК „Славија“ останува запишан во историјата како првиот фудбалски клуб во кичевско, а село Велмевци како првото село во кое била донесена фудбалската бубамара.

Подолу следуваат фотографии од екипата од различни години:

Екипата на ФК „Славија“, 1933 година, кликни на сликата за подобра резолуција
Екипата на ФК „Славија“, 1952-53 година, кликни на сликата за подобра резолуција
Екипата на ФК „Славија“, 1954 година, кликни на сликата за подобра резолуција
Екипата на ФК „Славија“, состав 1957-1960 година, кликни на сликата за подобра резолуција
Екипата на ФК „Славија“, 1977 година, кликни на сликата за подобра резолуција