Манастир Света Богородица Пречиста Кичевска

КАКО ДА СТИГНЕТЕ ДО ПРЕЧИСТА

Манастирот посветен на Св. Богородица – Пречиста или попозната како Кичевска претставува духовен центар на Кичево и регионот. Се наоѓа јужно од Кичево, во општина Другово на падините на планината Цоцан, на надморска височина од 920 метри.

Манастирот Света Богородица Пречиста (кликни на сликата за подобра резолуција)

До него се стигнува кога излегувате од Кичево и одите јужно, по магистралниот пат кон Битола и Охрид, на 5 километри јужно од градот. Манастирот е познат и како Крнински манастир кој името го добил според селото Крнино (иако писмен запис за ова село нема) кое денес не постои.

Точна локација на манастирот во кичевската котлина (кликни на сликата за подобра резолуција). Види Google Maps

ИСТОРИЈА НА МАНАСТИРОТ

Локалната легенда за манастирот Пречиста

За неговото настанување е врзана доста интересна легенда која во иста содржина се среќава за уште еден близок манастир. Самиот Бог, го одредил местото за ѕидање на новиот манастирски комплекс. Легендата вели дека на местото на кое жителите од околните места одлучиле да градат манастир, оставале икона да преноќи. Но утрото кога дошле да започнат со работа, иконата ја немало. Ја барале долго време, се’ додека не ја нашле крај еден извор. Потоа повторно ја вратиле на старото место. Но утредента се случило повторно исто. Иконата во огнен пламен прелетувала и доаѓала на изворот. Како божји знак, одлучиле наместо на првичното место, манастирот да го изградат токму над изворот. И ден денес тој извор постои во манастирската црква, како и самата света сребрена икона посветена на Богородица која се чува во еден мал олтар.

Oсновање и дејност. Првата црква

Манастирот Света Богородица – Пречиста е основан во 1316 година и граден до 1320 година.  Како негови ктитори се јавуваат византиските цареви Андроник II Палеолог и неговиот совладетел Михаил IX Палеолог. Овие цареви одржувале доста блиски односи со Охридската Архиепископија, ја потпомагале и се јавуваат како ктитори на повеќе манастири од овој регион.

Византиските цареви Андроник II Палеолог и неговиот совладетел Михаил IX Палеолог, основачи на манастирот Света Богородица Пречиста Кичевска

Од манастирот датираат неколку многу стари манастирски ракописи, користени од монашкото братство при црковните богослужби: ракописниот Минеј за месец септември-октомври од XIII-XIV век, и ракописното Четвороевангелие од XIV век кое денес се наоѓа во библиотеката во Белград.  Сочуван е и еден Псалтир од XV век, што докажува за континуитетот на манастирот во првите години од османлиската власт.

Првите пишани историски извори за манастирот Пречиста потекнуваат од XVI век. Во поменикот на манастирот Зограф, на Света Гора Атонска, од 1527 година, е запишан јеромонахот Антониј од манастирот Крнино, кој во светогорскиот манастир приложил 10 сребреници. Светогорските манастири, посебно словенските, во периодот на османлиската власт одржувале блиски врски со Охридската архиепископија, со самиот архиепископски врв, како и со поугледните манастири и црковни средишта на архиепископијата, кои во XVI и XVII век остваруваат бележит духовен и културно-просветен подем, меѓу кои е манастирот Пречиста.

Една година пред монахот Антониј од Богородица Пречиста, Крнино, да биде запишан како приложник на манастирот Зограф, во 1526 година, охридскиот архиепископ Прохор, заедно со светогорскиот прот Гаврил, кој претходно подолг период престојувал во Охрид или, пак, и самиот потекнувал од Охрид, стануваат ктитори на капелата на Св. Јован Претеча во соборната црква на Протатонот, во Кареја, на Света Гора.

Кнезот Димитар Кратовски, фреска од Топличкиот Манастир, Демир Хисар 1536 година

Особено важни податоци за манастирот Пречиста се добиени од едно писмо од протојерејот од Кратово, Лука, кој во 1542/43 година се обраќа до монасите од манастирот Слепче со барање да сочинат поменик во кој ќе се наведат сите дотогашни ктиторски потфати на кратовскиот кнез Димитар, како и имињата на монахињата Ана и неговите браќа Григориј и Никола Пепиќ. Во писмото децидно се наведува дека вакви поменици претходно направиле манастирските братства на манастирот Трескавец, Топличкиот, Богородица Пречиста и манастирот Пантелејмон на Света Гора. Од ова се гледа дека еден од позначајните приложници (или ктитори) на манастирот Пречиста е кир Димитар, кнезот кратовски, кој се јавува како ктитор на манастирите Св. Никола Топлички, Св. Јован Продом во Слепче, Трескавец и Св. Пантелејмон на Света Гора. Овој податок сведочи за подемот на манастирот Богородица Пречиста и на наведените манастири.

Димитар Кратовски е еден од најзначајните финансиери на Охридската Архиепископија од тоа време. Дарувањето на манастирите во кичевско и демирхисарско ги правел во договор со архиепископот Прохор, а по неговата смрт, во 1550 година, се јавува како економ на пресветата архиепископија – престижна титула на архиепископијата, една од петте највлијателни.

Во манастирот Пречиста, токму од времето на архиепископот Прохор датира и познатиот Кичевски зборник кој денеска се наоѓа во Хлаудовата збирка во Москва. Користењето на вакви зборници говори за големата духовна воздигнатост, богословското ниво и наобразбата на братството од Богородица Пречиста од средината на XVI век.  Вакви зборници користеле многу манастири на архиепископијата што говори за просветителската улога на нејзините манастири од тоа време.

Во поменикот на Слепченскиот манастир се запишани имињата на монасите Неофит, Зосим, Симеон, Јоаким и

Можен изглед на првата црква од 1316/20 година

Пафнутиј од манастирот Крнино кои со свои прилози го помогнале манастирот во Слепче.

Манастирот стекнал углед и надвор од границите на Охридската архиепископија и одржувал постојана кореспонденција со голем круг световни и црковни лица, со манастири на Света Гора, па дури и со канцеларии на христијански владетели влашко-молдавските  војводи. За овие преписки манастирот користел писмовник, епистолар (питакиј), кој е единствен досега сочуван во нашето средновековно литературно наследство.

Економски зајакнат од прилозите на кнезот Димитрија Пепиќ Кратовски, на завештанијата на христијанските спахии од кичевско, на бројните верници кои доаѓале во манастирот оставајќи прилози, со братството од петнаесетина монаси кои како приложници се сретнуваат во светогорските и во соседните манастири од областа,  манастирот почнува да боде очи на Турците.

Прво разорување на манастирот. Втората црква.

Во 1558 година тие брутално ќе го разорат манастирот сосе црквата и конаците.  Притоа маченички ќе пострадаат тројца монаси од манастирското братство, Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј.

Иконата на Пречистанските Преподобномаченици Пајсиј, Евнувиј и Аверкиј (кликни за поголема резолуција)

Тоа се случило во петтата недела од светата Четириесетница, во време кога браќата во манастирот ја служеле светата Литургија. Веста за пристигнувањето на Турците ќе ги исплаши монасите кои земајќи ги светите садови, ќе ја довршат литургијата во близина на манастирот и ќе се причестат. Биле дванаесетмина. Во манстирот по своја воља останале монасите  Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј кои маченички пострадале.  Нивните браќа ги нашле и ги погребале во месноста „Господинец“.

Овој настан е запишан во форма на летописна белешка во книгата „Акатист на Пресвета Богородица“, од собратот во манастирот монахот Пахомиј.  Во 1564 братството смогнува сили и гради друга црква од убаво изделкан камен, како што опишува игуменот хаџи Теофил во средината на XIX век. Сведоштво за тој голем градителски и уметнички потфат била камената плоча поставена на надвратникот на западниот ѕид над влезната врата. На неа бил врежан текст дека црквата се обнови во 1564 година, во времето на Охридскиот архиепископ Софрониј, кичевскиот епископ Герасим и со заложбите на игуменот, јеромонах Герман, за време на султанот Сулејман. Била живописана и украсена од зографскиот кир Онуфриј. Зографот Онуфриј кој го сликал фрескоживописот во обновената црква, бил најдобриот зограф кој во средината на XVI век работел во диецезата на Охридската архиепископија. За манастирската црква на Богородица Пречиста освен што ги слика фреските, ги слика и фигурите на пророците Давид и Соломон, апостолите Петар и Павле, како и композицијата на Благовештение на извонредно резбаните царски двери кои денес се изложени во галеријата на икони во Скопје.  Тие се едни од најубавите кои произлегле од Слепчанската резбарска школа. Во ист дух и високи уметнички достигнувања изработен е и архиерејскиот трон.

Веројатно еден од ктиторите на новата (втора) црква бил кнезот Димитар Кратовски кој токму во 1564 се споменува како „велики иконом“ на пресветата Охридска архиепископија.

За материјалната положба по обновата од 1564 година сведочат и турските даночни дефтери. Во пописниот дефтер од 1568/69 за Кичевската нахија, запишани се калуѓери од манастирот на Богородица, кои своите ушури и даноци ги давале на џамијата на Мехмет хан во Кичево. Калуѓерите плаќале за половина воденица на реката Белица, ушур од лозјата во месноста Павли Дол, за баштината на Тоцил, која влегувала во синорот на Кичево, и ушур од раскрчени ниви и улишта, вкупно 400 акчи.

Подемот на манастирот продолжува и во XVII век, кога за новоподигнатата црква се нарачуваат икони и други уметнички и богослужбено-литургиски предмети. Една од тие икони е и литиската, двострано сликана икона од 1642 година со претстави на Христос, од едната, и Богородица, од другата страна. Оваа икона има интересна историја бидејќи претставува еден од ретките примери во нашата средновековна уметност на кој се преземени подоцнежни зографски интервенции, но стариот иконопис е зачуван и само делумно обновен и досликан. Таа интервенција ја има направено големиот иконописец Дичо Зограф, како што запишал „за негов вечен спомен“.  Од самиот крај на XVII век потекнува резбаната дрвена икона со големи димензии на која, најверојатно, била сликана претставата на Деизис со апостолите.

Литиската, двострано сликана икона од 1642 година со претстави на Христос, од едната, и Богородица, од другата страна

Времето на XVIII и XIX век се карактеризира како еден од најдраматичните и најтешките периоди, како по црковниот живот во црквите и манастирите на Охридската архиепископија, така и во севкупниот живот на христијанското население на овие простори.

Крајот на XVIII век и првите децении на XIX век се период на длабока криза на Османлиското царство.  Од друга страна притисоците на Цариградската патријаршија, потпомогнати од самата власт, доведуваат до укинување на афтокефалноста на Охридската архиепископија во 1767 година. Нејзините епархии потпаѓаат под власта на фанариотскиот цариградски патријарх. Настапува процес на насилна хеленизација која ги зафаќа сите сегменти од некогашното устројство на Архиепископијата, стагнација на црковниот живот, намалување на црковната дејност, ретко се градат цркви, а старите пропаѓаат.

Овој тежок период го преживува и манастирот Света Богородица Пречиста кој го продолжува црковниот живот. Братството е активно, а се нарачуваат и работат икони и предмети од резба, додека манастирската управа токму во овој период го изработува и новиот манастирски печат. Во 1737 се изработува резбаниот надвратник и се слика композицијата „Христос недремливо око“. Од 1745 година датира големата житијна икона на Христовиот воин и великомаченик Георгиј, а во 1763 година е изработен прекрасниот манастирски печат со претстава на Благовештение во средината и натпис на годината (1763 година). Манастирската библиотека се пополнува со нови богослужбени книги, печатени во Киево-печатарска типографија и Москва.

Велика Парусија, Света Богородица Пречиста, препис од 1863 година, страна 7

Во периодот на судирот на крупните феудалци (Али Паша Јанински, Бушатлиите од Скадар, Хамза Паша кичевски) со централната власт, дивеењето на качачки банди, во повеќе наврати страда и манастирот Пречиста. Но ова е темелот кој го воздигнува манастирот, заедно со Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ во еден од центрите на преродбата кои ќе доведат до крупните историски промени кон крајот на XIX век.

Во време на игуменот Гаврил (1824-1840) одметнатите дебарски бегови го напаѓаат манастирот, ги ограбуваат вредните предмети и ги палат конаците. Ќе поминат неколку години додека манастирот повторно заживее со вистинска духовна вредност. Самиот игумен Гаврил се грижел за манастирот и настојувал да се одржи континуитетот на соборниот и литургиски живот. Тој истовремено станува познат книговезец кој се грижел за старите манастирски книги и голем дел од нив спасил од пропаѓање, подврзувајќи ги во нови корици, изработени од тенко дрво обложено со кожа. Во 1840 година, игуменот Гаврил почина и него го наследува игуменот хаџи-Теодосиј (Теофил), во чие време манастирот го враќа угледот и ги дава првите преродбенски импулси кои кулминираа подоцна, во времето на игуменот Козма.  Но токму во времето на Теодосиј се случува најголемото рушење на манастирот од страна на одметнатите дебрани, во 1843 година. Од манастирскиот комплекс останува само старата манастирска црква, и таа делумно опожарена.

Второ големо разорување на манастирот. Палењето на манастирската библиотека. Трета црква.

Игуменот Теодосиј, најпрвин со свои средства кои ги собира за време на својата служба во Гостиварскиот метох на Пречиста, ги обновува изгорените манастирски конаци и останатите пропратни објекти, а во 1846 ја руши малата манастирска црква и започнува да го гради денешниот храм со импозантни димензии, со голема помош на христољубивите и благочестиви христијани, како и помошта на мијачките малорекански ќаи Ѓурчин Кокале, Сарџо Брадина и Томо Томоски.  Новиот храм е завршен во 1848 година.

Фрескоживописот и олтарниот простор на новоизградената црква, како и иконите за иконостасот, престолните, празничните и апостолите ги слика Дичо Зограф. помеѓу 1848 и 1866 година. Како приложници на манастирот се наоѓаат повеќе крушевски семејства, а иконите ги нарачуваат христијани од Кичево, од кичевските села Брждани и Јудово, како и охриѓанецот Јован Хармосин (Иван Генадиев), син на дебарскиот владика Генадиј, кој неколку години, кон средината на XIX век, поминува во манастирот Пречиста, како и јеромонах хаџи Симеон С’лзданоски од Лазарополе. Иконостасот го изработува Дојчин Зулфа, истот така од Лазарополе. Подоцна, во 1880/81, фрескоживописот во куполата и наосот на црквата го изработува Аврам Дичов, синот на Дичо Зограф, кој слика и повеќе празнични икони, како и една исклучително ретка икона на платно со претстава на Христовото судење пред Понтиј Пилат и фарисеите.

Фреските на манастирот се дело на тајфата на Дичо Зограф, а куполата и наосот на неговиот син, Аврам Дичов. Оставаат без здив со својата убавина.

Манастирот во овој период го снајдува уште една голема катастрофа – палењето на сите книги кои во тој момент биле најдени во тој момент во манастирот, а по наредба на дебарскиот грчки владика Мелетиј во 1850 година. Само една книга, која случајно била спасена, а подоцна подарена на конзулот Александар Гилфердинг – Кодекс на богослужби и химнографски текстови од XVI век, го открива малиот сегмент на вредностите кои тогаш биле уништени.

Дедо Козма Пречистански

Во седумдесеттите години на XIX век, под водство на младиот игумен Козма Пречистански (на кичевчани познат како Дедо Козма, родум од село Орланци), внук на Теодосиј (Теофил), манастирот станува јадро од кое зрачат националните преродбенски стремежи и тежнеења за служење и учење на народен јазик, за самостојна црква и за возобновување на Охридската архиепископија. Во 1874 година, на големиот црковно-народен собор во Пречиста, народот и свештенството од Кичевско се изјаснуваат за отфрлање на духовната и управна супрематија на Цариградската патријаршија и дебарскиот грчки владика Антим. Овие одлуки ќе бидат поддржани од штотуку устоличениот охридски владика Натанаил (1874-1877). Под силен притисок на дебарскиот владика Антим, игуменот Козма исто како и неговиот стрико – игуменот Теодосиј десет години пред тоа, ќе биде прогонет во заточение на Света Гора Атонска. По големите заложби на видни народни дејци и првенци од Кичево, Охрид, Битола и Дебар, Козма ќе биде ослободен од заточение и десетина години подоцна, во изменети историски прилики, се враќа како владика дебарско-кичевски. Во втората половина на XIX век, во манастирот Пречиста се отвора школа во која освен црковни се предаваат и световни предмети. Редовно имало околу триесетина ученици, а од манастирската управа и игумено Софрониј (1883-1911) биле ангажирани и неколку видни учители, како Јосиф од Крушево, кој подоцна останува и се замонашува во манастирот и се до 1902 година го води манастирското училиште. Манастирот зајакнува и економски, негов метох станува и стариот манастир Св. Јован Продром во Слепче.

Преродбата. Манастирот Пречиста јадро на револуционерните акции во Кичевско и Западна Македонија

Јероѓакон Јосиф

Манастирот одигрува огромна улога и за време на Илинденското востание. Во него прибежиште наоѓале локалните чети. Тука биле планирани акциите за време на Илинденското востание, монасите зеле активна улога за време на востанието, а и самиот манастир бил нападнат и заземен при неговото задушување. Манастирот одиграл улога и при налетот на туѓите пропаганди, особено на српската.  Лука Џеров во своите спомени, запишува:

„Имаше еден ѓакон Јосиф, калуѓерче во манастирот Пречиста, кој се наоѓа до градот Кичево. Тој ѓакон, родум од Крушево, беше идеално момче, умно, чесно, со цела душа предадено на нашата идеја. Се сметавме за подредени на Централниот комитет и дејствувавме во согласност со уставот. Манастирот Пречиста имаше најголемо значење за да успее нашето дело. На ѓакончето Јосиф населението гледаше како на светец и многу му веруваше. Тој агитираше од амвонот, се врз основа на евангелието. Таму луѓето често одат, таму се даваа клетви, таму го направивме првиот склад со оружје, оттаму тоа се делеше во почетокот итн.

„Горскиот“ началник Лука Ѓеров со кичевска чета. Често престојувал во манастирот Пречиста каде заедно со сесрдна помош се организирале плановите за ослободувањето на кичевско

Во манастирот имаше четворица калуѓери и двајца свештеници кои не учествуваа во нашата работа. И игуменот Софрониј е светец, родум од Вранештица, Кичевско. И тој беше вклучен, помагаше со пари, дозволуваше се да се работи во манастирот, помагаше со совети, со молитви. Сите го почитуваат и го сакаат и до ден-денешен. Со помош на ѓакончето и индиректната помош на игуменот, делото успеваше. Следната година заминав за учител во Кичево и истовремено му бев секретар на новоназначениот владика, Козма. Тој дотогаш беше претседател на општината. Во Кичево затекнав организиран комитет од ѓакончето и учителите. Останав во текот на 1897/8, а во текот на учебната 1898/9 и 1899/1900 година бев инспектор на селските училишта во целата епархија. Ги обиколував кичевските и дебарските села. Во таа обиколка ја ширев идејата, главно меѓу учителите.“

Манастирот Света Богородица Пречиста, центар на македонската преродба од XIX и XX век и засолниште на многу македонски револуционери

Македонска Православа Црква – Охридска Архиепископија.

Континуитетот на манастирскиот живот продолжува и по Балканските војни и Првата Светска Војна. Нов духовен импулс во повторното заживување имаат руските монахињи, прогонети од бољшевиците, кои во следните децении ги продолжуваат традициите на ова вековно македонско црковно средиште. Дел од нив почиваат во мир на манастирските гробишта, недалеку од манастирот.

Во 1937 година монахињата Диодора, во голема схима Марија, доаѓа во манастирот Пречиста со уште 30 монахињи и останува се до педесеттите години, кога заминува за Бугарија. Во манастирот  остануваат неколку нејзини духовни чеда, меѓу кои и монахињата, а подоцна игуменија на манастирот, Салафаила (1890-1988).

Благодарение на нивниот монашки подвиг и молитвеноста, црковниот и духовен живот во манастирот продолжува се до денешно време преку нивните духовни чеда, особено монахињата и игуменија Агнија.

Г.Г. Доситеј, прв Архиепископ на возобновената Македонска Православна Црква во посета на манастирот Пречиста (21 Септември 1973)

За огромното значење на овој духовен храм, доволно говори и податокот што првиот македонски архиепископ на возобновената древна Охридска Архиепископија, Г.Г. Доситеј, монашката одежда ја облекол токму во манастирските ќелии на Св. Богородица Пречиста во 1924 година. Тој во 1964, сега веќе како архиепископ Охридски и Македонски, го замонашува и ракополага за јероѓакон сегашниот митрополит г. Кирил. Во 1981, пак, во јеромонашки чин тука е ракоположен и сегашниот митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј.

Во втората половина на XX век манастирот страда од пожар во кој горат дел од неговите конаци. Во рамките на

Одлуката на САС МПЦ-ОА со која Пречистанските Преподобномаченици се вбројуваат во диптихот на светите

манастирскиот комплекс, припиена на јужните ѕидови од црквата Света Богородица – Пречиста, се наоѓа малата манастирска црква посветена на Свети Отец Никола. Иако се наоѓа во истиот комплекс, за многумина таа останува непозната, зашто величината на црквата посветена на Света Богородица во целост ја засенува.

На 2-ри август 2012, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, за прв пат од возобновувањето, на голема народна свеченост ги канонизира за Свети Пречистанските Преподобномаченици Пајсиј, Евнувиј и Аверкиј кои маченички пострадаа во овој манастир во 1558 година. Истиот ден се освети и положи камен-темелник за манастирски конак со параклис посветен на Преподобномачениците.

Денес манастирот Света Богородица – Пречиста е женски манастир. Еден дел е останат нефрескоживописан и во него е дозволено да се молат некрстените верници, меѓу кои доаѓаат и муслимани. Негов ден е 21 септември – Мала Богородица, денот на рожденството на Мајката Божја. Во чест на овој празник, вечерта на 20 септември се собира многу народ.
Манастирот има своја страница и на Facebook, приклучете се: http://www.facebook.com/SvBogorodicaPrecista
Фотографирање и снимање во манастирската црква е забрането и за тоа треба посебна дозвола од игуменијата. За крај, уживајте во сликите од манастирот и најдете време за да го посетите!

Благодарност до Сашо Цветковски кој изработи монографија за манастирот Пречиста од која е земен најголем дел од овој текст.

6 thoughts on “Манастир Света Богородица Пречиста Кичевска

  • октомври 4, 2012 at 2:48 pm
    Permalink

    Me raduva toa sto nasiot manastir uspeal I uspeva da opstane niz vekovite…Nezaboravni se denovite od moeto detstvo koga zaedno so mojot dedo ziveevme i rabotevme vo manastirskiot kompleks….

  • март 30, 2013 at 7:52 pm
    Permalink

    Двостраната икона на Богородица и Исус,за мене е вистинско Божјо чудо.Во една прилика на манастирот,ми се има случено да молејќи се пред иконата,и гледајќи во неа,забелезав дека десното око на Богородица се затвара и отвара (облик на намигнување).Во тој момент помислив дека халуцинирам.Останав подолго време,но истото пак се случи.Бев збунет.Ги прашав моите пријатели кои беа со мене дали нешто чудно им се случило додека гледале во иконата.Прво молчеа,но потоа ми го кажаа истото што и јас го видов – „БОГОРОДИЦА НИ НАМИГНА СО ДЕСНОТО ОКО“ – тоа беа нивните зборови.
    Нека се величи името и делото на Бога,Исус,Светиот дух,Светото тројство и името на Мајка Богородица-мајката на нашиот спасител.
    Амин и за многу години нека е постоењето на Манастирот.

  • април 18, 2014 at 9:57 am
    Permalink

    PREKRASEN MANASTIR

  • Pingback:Зошто вредиТ да си од Кичево? – kicevocity

  • јуни 11, 2017 at 4:15 pm
    Permalink

    Dali moze da se prespie vo manastirot?

  • април 23, 2019 at 5:40 pm
    Permalink

    ВЕ МОЛАМ КОНТАКТ ТЕЛЕФОН ОД ВАЖИОТ МАНАСТИР? СО ПЧИТ ТАТЈАНА ТРАЈКОВСКА- УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТ ВИВА КСАНТИКА -ОХРИД

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.