Велосипедистите организираат 40 натпревари за годинава

За разлика од претходните неколку години па и децении, Велосипедската Федерација на Македонија за прв пат годинава ќе организира дури 40 натпревари од кои дел и меѓународни, и за прв пат трката низ Македонија ќе биде организирана според сите меѓународни стандарди и критериуми.

-И покрај големата беспарица што владее во земјава, сепак ние годинава ќе организираме дури 40 натпревари, што се нема случено во последните неколку децении.Така што во годинешниот календар имаме зацртано 16 друмски натпревари, 10 планински натпревари,4 маратонски натпревари,а ќе учевствуваме и на регионалните натпревари во рамките на Балканскиот Шампионат во Србија ,Бугарија и Романија, како на медитеранскиот натпревар во Турција.Се уште немаме доволно квалитет да се вклучиме и во континенталните натпреварувања, затоа што врвниот велосипедизам бара многу средства и поинакви односи во овој спорт.Трката низ Македонија ќе биде врвно организирана , ќе има свој спонзор кој ќе застане зад целокупната организација ,и како никогаш досега нашата трка ќа наликува на светски познатите трки во Италија или Франција-рече Сашо Димитриески,претседател на ВФМ.

Првиот човек на македонскиот велосипедизам навести поголема соработка со Турската Федерација и размена на велосипедисти, кои ќе одат на подготовки во оваа Евроазиска земја.

-За да го подигмене квалитетот на нашиот велосипедизам, тој да биде што покомпатибилен со европскиот, ги продлабочивме врските со Турската Федерација и во наредниот период наши велосипедисти ќе престојуваат во оваа земја, ќе работат според критериумите и стандардите на најдобрите Европски Федерации, со што за неколку години ќе имаме велосипедисти кои со својот квалитет ќе бидат многу блиску до италијанските,шпанските и останатите врвни натпреварувачи на две тркала-додаде Димитриески.

Зоран Антоски

Извор: http://www.sportefe.com.mk