Кичево доби прочистителна станица за третман на отпадни води со пари од ЕУ

Кичево доби нова пречистителна станица за третман на отпадни води, со што трајно се решава проблемот со отпадните води во општината и се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина. Пречистителната станица која е сместена во близина на Кичево е со инсталиран капацитет за 48.000 жители. Реализацијата на проектот вклучува и изградба на колектор и пристапен пат. 

Македонија за да биде комплетно покриенa со пречистителни станици, треба да бидат направени вкупно 87. Oва е 16 успешен проект во рамките на ИПА.

Проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Кичево е финансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), од делот за регионален развој – компонента три. Вкупната вредност на Пречистителната станица за отпадни води во Кичево изнесува 8,3 милиони евра. На отворањето обраќање имаше шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Самуел Жбогар.

„Овој проект е дел од активностите финансирани од ЕУ за унапредување на инфраструктурата која овозможува заштита на животната средина согласно стандардите на ЕУ преку изградба на пречистителни станици за отпадни води. Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, ЕУ исто така работи заедно со државата на реформи во секторот води, со цел да се обезбедат одржливи услуги за водоснабдување на сите граѓани“, истакна амбасадорот Жбогар.

Реализацијата на проектот е во соработка со Секторот за ЕУ при Министерството за животна средина и просторно планирање и Секторот за централно финансирање и склучување на договори при Министерството за финансии. 

Пречистителната станица во Кичево ќе биде од огромно значење за жителите од овој крај како и за подобрувањето на квалитетот на животот.

Изградбата на Пречистителната станица за отпадни води во Кичево ја реализираше компанијата WTE Group, која е во сопственост на ЕВН Групацијата. WTE Group е водечка компанија за снабдување со вода и третман на отпадни води на пазарот во ЕУ, присутна во 18 европски земји со проекти од оваа област.

„Огромно задоволство за нас претставува можноста да работиме на изградба на Пречистителна станица за отпадни води, бидејќи третманот на водите денес станува едно од најважните прашања. Горди сме што како лидери во Европа во овој сегмент имавме можност да го пренесеме нашето знаење и искуство. Овој објект е изграден по највисоките стандарди и искрено се надеваме дека ќе имаме можност и понатаму да соработуваме“, истакна Вернер Казагранде, член на Извршниот одбор на WTE Group.

Пречистителната станица во Кичево е изградена за помалку од две години и е втора што е пуштена во употреба во рамки на проектот. Првата пречистителна станица беше пуштена во употреба кон крајот на минатата година, а лоцирана е во с. Сачево, Струмица. Се очекува наскоро да биде пуштена во употреба и третата пречистителна станица која се наоѓа во Радовиш. Вкупната вредност на овие објекти изнесува 21 милион евра.