Напредок ја најде Анталија под Илиница

За разлика од повеќето македонски прволигаши, екипата на Напредок во најголем дел зимските подготовки ќе ги одработи на својот стадион во Кичево. Барем според моментната временска ситуација, сино-белите ништо не загубија во спроведувањето на задачите и воопшто нема причина да жалат што не се дислоцираа од својот стадион и по теркот на своите ривали не тргнаа за Анталија или во некое друго летувалиште.

– Во моментов воопшто не гледам никаква причина да се селиме од нашиот стадион, каде што имаме оптимални услови за работа. Времето е исклучително пријатно за подготовки, температурите се околу 10 степени и буквално кажано Анталија ја најдовме под Илиница. И во наредните денови се очекува пријатно време без снег и ниски температури, така што она што ни е потребно го имаме дома. На тој начин подготовките се одвиваат без застој, а на фудбалерите од друга страна не им е потребна дополнителна аклиматизација од долгите патувања – рече кормиларот на Напредок, Драган Бочески.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија