На ФИНКИ отворен прв Регионален центар за социјални иновации во Македонија

На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска беше потпишан меморандум за отворање „Регионален центар за социјални иновации“.

Центарот за социјални иновации е основан од ФИНКИ и УНДП и ќе функционира како Центар за трансфер на технологии во кој иновациите ќе бидат ставени во функција на унапредување на општествениот развој.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски посочи дека Центарот ќе биде од исклучително значење бидејќи неговата цел е забрзување на процесот на инкубација на нови технолошки решенија и развивање на јавни услуги за решевање на социјалните проблеми на граѓаните, како на локално така и на глобално ниво.

– Отворањето на Регионалниот центар ќе значи дополнителен поттик на претприемачкиот и иновативен дух, развој на иницијативноста и самоиницијативноста, современо спојување на теоријата и праксата, креирање на нови работни места и подигнување на животниот стандард, рече Ристовски

Тој потврди дека Министерството за образование и наука ќе продолжи да го поддржува развојот на научно – истражувачката дејност.

Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски истакна дека еден од основните предуслови во следењето на развојот на современите технолошки процеси е навремениот пристап до информациите до научен, информативен, техничко – технолошки и економски карактер.

– Ако ги погледенете поголемите истражувачки центри во Европа и светот сигурно ќе најдете наш дипломиран студент истражувач, тоа меѓу другото е уште еден доказ за компатипилноста и квалитетот на нашето образование. Ние како земја сме подготвени и имаме можност да го пласираме своето знаење и иновации и дека процесите и услугите чии автори се нашите професори, асистенти и истражувачи имаат потенцијал за комерзализација, рече Стојковски.

В.Д. постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Алесандро Фракасети го истакна значењето на потишувањето на меморандумот за разбирање со кој се утврдува рамката за основање на првиот Регионален центар за социални иновации.

– Центрарот е наменет за иновативни ИТ решенија, за социјално економските решенија во регионот. Неговото мото е што поголемо искористување на технологијата за решавање на општествените предизвици и за унапредување на човечкиот развој, истакна Фракасети.

Деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов, истакна дека ФИНКИ е општествено оговорна академска институција која има искуство во соработка со многу фирми и меѓународни организации, како и соработка со странските компании поврзани со ИТ бизнисот, Мајкрософт, НОКИА , Смарт…

– Идејата на Цетарот е да функционира како центар за трансфер на технологии во согласност со новиот закон за иновации кој е донесен пред еден месец, рече Трајанов.

Центарот ќе бара идеи и партнери кои ќе поддржат бизниси во основање и преку менторство, тренинг и експертиза ќе им помогнат на иноваторите да ги реализираат своите идеи преку кои ќе придонесат кон позитивни промени во општеството.