Марко Симоновски се враќа во Металург

Вториот стрелец кај Напредок оваа есен Марко Симоновски ги заврши обврските кон кичевскиот фудбалски прволигаш и во пролетниот дел ќе игра во матичниот клуб Металург, од каде што беше позајмен во изминативе шест месеци.

– Натпреварот од претпоследното есенско коло против Шкендија во Тетово беше последниот натпревар за Марко Симоновски во дресот на Напредок, бидејќи овој фудбалер поради пет жолти картони ќе биде надвор од стројот за мечот со Металург. Договорот со Симоновски беше на шест месеци, што значи дека младиот фудбалер ја заврши обврската кон Напредок и се враќа во матичниот клуб Металург. Тој одлично се вклопи во нашите редови и даде полн придонес во добрите резултати на Напредок оваа есен. Дефинитивно ќе ни недостига во пролетниот дел, бидејќи одлично функционираше во нападот на Напредок, како играч што долги години е тука – рече Кочо Зердески, директор на Напредок.

Симоновски е вториот фудбалер што го напушти кичевскиот прволигаш есенва, откако пред една седмица си замина и Никола Никанчески.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија